Институт Данте Алигиери, Скопје

Мармитоне и Интернетот

Весниците можат да ги поправат грешките коишто се распространети на Интернетот. А мрежата има способност да го контролира печатот. Оваа вежба треба да се предава на училиште.
Во минатата колумна, пуштив апел до весниците. Бидејќи општо e познато дека на Интернет постојат сериозни и веродостојни страни, но и други кои пренесуваат лажни вести, дури и гнасни измислици, како што се неонацистичките и негационистичките страни, зошто тогаш весниците, наместо да нудат толку многу вести за различни легенди што кружат на Интернетот, не започнат операција на секојдневна рецензија (како што е со книгите и со филмовите) за да ни укажат на вредните страници и да ги пријават оние што се неверодостојни? Знаев дека еден потфат од тој вид подразбира редакциско збогатување или примање на надворешни експерти, но играта секако вредеше да се започне.

image

Пред некое време во Република, Микеле Сера, повторно ја отвори темата, пишувајќи дека, според одредени критериуми, тој би бил наклонет кон иницијативата, но тврдеше дека тоа би можело да им послужи на читателите навикнати на пишаниот збор на хартија; додека другите, сите оние што не ги читаат повеќе весниците и не гледаат телевизија, односно, голем број млади луѓе би останале надвор од оваа убава иницијатива.
Сега да обрнеме внимание на две клучни точки: а тоа значи дека ниту јас ниту Сера сме гатачи, ниту пак сме институти за статистика. Значи, почнувам да ја ставам под сомнеж јасно воспоставената дихотомија, таа помеѓу оние што одвреме навреме ги гледаат весниците и оние што седат само на Интернет. Јас и тој сме примери за класата која е некаде на средина, но колку млади прават како нас?
Признавам дека постои опсесивен сурфер, кој се буди рано наутро и останува на Интернет сè до два часот навечер; не излегува никогаш оттаму и го губи секој контакт со луѓето. Тој, или ќе стане хакер и ќе создаде богатство, или ќе биде уапсен од ЦИА, или пак ќе остане асоцијален, за којшто нема да се интересираме повеќе, бидејќи ако му зборуваме за нешто друго, тоа би било како да убедиме некој џелат на ИСИЛ да оди на аџилак во Лурд. Ама колку се останатите?
Тоа се оние кои можеби не ги читаат првите страници од весниците, но ако сакаат да одат во кино таа вечер, сметаат дека е полесно да се погледнат последните страници од весникот што го имаат дома, отколку да го вклучат компјутерот и да пребараат на Google. А потоа, тука се и наставниците, со сите оние ученици и студенти коишто ги слушаат. Ставајќи ги заедно навикнатите читатели, училиштето и оној којшто одвреме навреме го прегледува бегло весникот, имаме една многу солидна публика.
ВИСТИНА Е ДЕКА ИНТЕРНЕТОТ ја има способноста сам да се коригира, погледни ја извонредната Wikipedia, додека и весниците исто така можат да шират лажни вести. Еве што наоѓам во неделниот прилог на еден голем весник, статија во врска со печатот од војната 1914-1918, каде што се вели дека помеѓу воениот печат бил исто така и Мармитоне од “Corriere dei piccoli”, што му се припишува на Антонио Рубино. Тоа е лага, авторот беше Анголета, а Мармитоне беше најголемиот антимилитарист што некогаш бил измислен, бељаџија, којшто неизбежно завршуваше во затвор, по вина на осумдесетгодишните, горделиви генерали мустаќлии. Но печатот може да се коригира самиот, а токму тоа е она што го правам во моментот. Само што, за да се контролира печатот, доволно е да се анализираат, што знам, едно десетина публикации, додека пак за да се контролира целиот Интернет, потребно е да се консултираат многу повеќе публикации (за Мармитоне пронајдов 6490 веб страници, иако, за волја на вистината, во ниту една од тие десет страници што ги анализирав, не се вели дека Мармитоне беше дизајниран од Рубино, тогаш тоа значи дека со Интернетот може понекогаш да се контролира печатот).

image

ИСТО ТАКА И ВО УЧИЛИШТЕ, зарем не би било забавно да се поттикнат младите да го контролираат печатот преку Интернетот? Исто така, можеби така би научиле да го контролираат Интернетот преку Интернет, без да земаат сè здраво за готово. А ако научат дека некој весник ги рецензира веб страниците, можеби ќе бидат поттикнати, одвреме навреме да ги погледнуваат и весниците.
Во секој случај практиката би била добра барем за наставниците. Всушност, патиштата господови се бесконечни и пред да се каже дека не вреди да се проба, може да се проба да се направи тоа.
А потоа, кој ќе преживее, ќе види.

Умберто Еко, La bustina di minerva

l’Espresso, 10 јули 2015

Превод: Ана Марија Андреевска