Омаж на Умберто Еко од Анастасија Ѓурчинова
објавено во Утрински весник, 26.02.2016
Умберто Еко беше неуморен аналитичар на актуелната стварност
Еден од највлијателните интелектуалци на денешнината, писател и професор по семиотика, кој почина на 19 февруари, беше и толкувач на мистични универзуми, но и поклоник на убавината, мудроста и рационалноста
Деновиве од светот си замина Умберто Еко, еден од највлијателните интелектуалци на денешнината, писател и професор по семиотика, но над се’ љубопитен и упорен посматрач на современата стварност. Италијанската култура остана без едно од најострите и најлуцидните пера, а светската книжевна сцена без еден од најпочитуваните бестселер автори. Секогаш провокативен, обожаван и оспоруван истовремено, Еко умееше да ги разбранува духовите на читателите со секоја своја нова книга.
Умберто Еко (1932 – 2016) стана писател на 48-годишна возраст, а дотогаш се занимаваше со новинарство, книжевна критика и научна дејност во областа на семиотиката и комуникологијата. Негова прва љубов е поточно медиевистиката, на која и’ ги посвети и своите најрани книги, толкувајќи ја естетиката на средниот век и особено делото на св. Тома Аквински. Потоа ги насочи своите интереси кон толкувањето на книжевниот процес и особено кон значењето и улогата на читателот во него. Така, уште во младите години ја објави книгата Отворено дело (1962), во која пишуваше дека „едно уметничко дело, облик завршен и затворен во својата совршено одмерена перфекција, исто така е отворено со можност да биде толкувано на илјада различни начини“. Оваа теза беше основа за неговата херменевтичко-рецепционистичка теорија, која понатаму ја елаборираше и од аспект на наратолошко-семиотичките проучувања, особено во делото Читателот во фабула (1979), за да ја заокружи со Границите на толкувањето (1990), каде што заклучи дека отвореноста на делото за можни интерпретации сепак не е бескрајна, туку ги има своите граници, кои се запишани токму во – текстот. Оттука произлегува и оригиналната идеја на Еко за модел-читателот, оној „посакуваниот“ читател од страна на авторот, кого писателот самиот, трпеливо си го „гради“ во својот текст. Секое дело, тврдеше Еко, има барем две рамништа за читање: едното е основно или семантичко, при кое читателот само сака да дознае како ќе заврши приказната и другото, повисоко или естетско, при кое читателот размислува и за структурата и значењето на текстот, за неговата филозофска заднина и сл.
Откако убаво ги разработи овие свои тези на академски план, во петтата деценија од животот Еко седна и ги преточи во роман: така настана Името на розата (1980). Делото веднаш доживеа планетарен успех, станувајќи прототип за она што беше нарекувано „квалитетен бестселер“, веројатно токму поради успешното проникнување на детективската приказна (серија убиства на монаси во еден средновековен манастир во Италија) и филозофско-теолошката расправа по повод загубената книга за смеата и комедијата од Поетиката на Аристотел. Својата наративна постапка самиот маестрално ја објасни неколку години подоцна во Постилите кон Името на розата, автореференцијална статија која доживеа исто толкава слава и стана еден од култните текстови на постмодернизмот.
Еко е автор на уште шест романи (речиси сите достапни и на македонски јазик, во превод на Марија Грација-Цветковска), главно со историско-филозофска проблематика, како: Фукоовото нишало (1988), Островот од претходниот ден (1994), Баудолино (2000) и Прашките гробишта (2010), додека своите најинтимни страници си дозволи да ги напише во Тајниот пламен на кралицата Лоана (2004), каде што со читателите сподели и некои спомени од детството за време на фашистичка Италија. Неговиот последен роман, пак, Нултиот број (2015) третира една тема, омилена на Еко и во неговите есеи за комуникологија, онаа за манипулативната моќ на масовните медиуми. Тука преку гротескно-ироничната приказна за односите во редакцијата на еден современ италијански весник, тој ги разобличува теориите на заговор и укажува на опасно тесната врска помеѓу јавните гласила и центрите на моќта во едно општество. Паралелно со романите, во последниве години состави и некои капитални дела од областа на културологијата, филозофијата и естетиката, како: Историјата на убавината (2004), Историјата на грдото (2007), Бескрајните списоци (2009), Средниот век (2011) или Историјата на митските земји и места (2013).
Неговата најнова книга есеи, планирана за наесен, издавачот ја подготви за печат експресно, само една недела по смртта на писателот. Во мигот кога ги пишуваме овие редови, таа треба да е веќе поставена во излозите на книжарниците низ Италија, со необичен наслов Pape Satàn Aleppe (алузија на најхерметичниот стих од Дантеовата Божествена комедија, речиси непротолкуван сѐ до денес) и со еден инструктивен, „баумански“ поднаслов: Хроники за едно ликвидно општество.
Во свеста на културната јавност во Италија, во светот, па секако и кај нас, Еко ќе остане запаметен како толкувач на мистични универзуми, но и поклоник на убавината, мудроста и рационалноста, а можеби најмногу како неуморен аналитичар на актуелната стварност, преку статиите и колумните објавувани во италијанските весници, преобјавени и во неговиот Минимален дневник. Имајќи ја предвид заводливоста на неговиот дискурс, кој ги обединува професионалната компетентност на врвен научник со лежерноста и иронијата на општествениот набљудувач, ќе останат незаборавни многу негови есеи, како оној за компјутерите, интернетот и книгите (од кои никако не треба да очекуваме дека ќе се „спасиме“ во времињата што следуваат), потоа неговите длабоко хуманистички забелешки за правдата и неправдата во светот, за неопходноста од негување на критичката мисла во науката и во новинарството, како и брилијантните десет точки за препознавање на фашизмот, во сите времиња и на сите простори.
На обвиненијата кои му беа упатувани од страна на неговите колеги, претставници на академската критика, дека неговите романи се “вештачки” создадени, т.е. дека се плод на претходна минуциозна научна подготовка, а не на непосредна писателска инспирација, овој познат раскажувач на интелектуални шеги и досетки опуштено одговараше со луцидната забелешка: „Па, што? Зар светот денес не е преполн со т.н. деца од епрувета, настанати преку процес на асистирана репродукција? А тие сепак го живеат животот заедно со нас, паралелно и рамноправно со оние што се родиле како плод на најстрасните љубовни прегратки“.