Институт Данте Алигиери, Скопје

“ДАНТЕ“ ОД СКОПЈЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИОТ ВЕСНИК “ГЛАС“ ОД ИСТРА

(17.10.2015)

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФЕСОРКАТА АНАСТАСИЈА ЃУРЧИНОВА

Од репортажата на Лука Живковиќ

Немам ниту време да го оставам ранецот во собата а морам да трчам да се сретнам со госпоѓата Анастасија Ѓурчинова, професорка на катедрата за италијанистика на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Место на средбата: плоштад Македонија, главниот плоштад на градот, пред импозантниот огромен споменик на Александар Велики. “Плоштадот за помалку од пет години е комплетно сменет од оваа страна. Нема ниту потреба да кажам дека повеќе ми се допаѓаше старата верзија“, потенцира госпоѓата Анастасија, само што пристигна.

Влегувајќи во славната Ристиќева палата, една од малкуте останати по земјотресот од 1963, се качуваме по скалите и стигнуваме на третиот кат. Во канцеларијата веднаш ги забележувам македонското и италијанското знаме.

1

Каде точно се наоѓаме?

“Се наоѓаме во седиштето на јазичниот центар на Институт Данте Алигиери во Скопје каде што во моментов ја извршувам должноста на претседател. Овие простории ги делиме со ИЧЕ (Институтот за надворешна трговија) и всушност сме единствена италијанска културна установа во градот. Институцијата постои од 1999. Во моментов има 120 члена и десетина соработници, организира културни настани, одржува јазични курсеви, го поддржува сертификатот ПЛИДА и често става акцент на професионалните обуки. Потпишана е спогодба со Универзитетот Ка Фоскари од Венеција, што трае веќе три години и ги промовира лабораториите Италс и Диталс, благодарение на кои имаме чест да ни гостуваат често познати обучувачи и професори што предаваат дидактика на италијанскиот јазик Л2/ЛС (или како италијанскиот да им се предава на странците). На овој начин Институтот се обидува да опфати што поголем број наставници по италијански и уште повеќе да ги развие нивните квалификации и познавања за професијата наставник. Повеќе наставници може да значи, еден ден, повеќе италијански во државните училишта. Сертификатот што се добива од овој курс е престижен, но и бара многу. Морам да потсетам, дека годинава имавме голема чест да бидеме избрани, заедно со Комитетите од Малага и Тунис да учествуваме во проектот ‘Данте за наградата Стрегa’, имајќи можност да гласаме за најдобриот роман“.

Писателот Џакомо Скоти имаше само пофални зборови за вас.

“Му благодарам за тоа. Тој е личност што веќе педесет години вложува напори на својата публика да ѝ ја претстави македонската литература и нашите најреномирани писатели. Меѓу другото, тој е еден од неколкуте италијански писатели, како Сангвинети, Акрока или Санези, коишто учествувале на Поетскиот фестивал во Струга“.

Италијанскиот во Скопје?

“Многу сакан јазик е, како овде така и во останатиот дел од земјата, особено кај младите. Благодарение на РАИ, но и на други извори, Македонците почнаа да препознаваат и ценат многу работи од Италија. Но за жал, на него не се гледа како на јазик кој би можел да ја гарантира егзистенцијата овде во Македонија, поради што интересот е по малку намален во последниве десет години. Јазикот е воведен на училишно ниво, но не е застапен во сите училишта а тоа ги ограничува наставниците на пазарот на трудот. Најчестата комбинација во училиштата е англиски/германски, но ние уште се бориме да го инкорпорираме што повеќе италијанскиот. Пред распустот, упативме и петиција до министерот. Ќе видиме…“

А на универзитетско ниво?

“Италијанскиот јазик и литература на универзитетско ниво, во Македонија се изучуваат од 1959 во Скопје, а од неодамна и во Тетово и Штип, додека како странски јазик и на некои други приватни универзитети. Овде во Скопје Студиска група за италијанистика постои уште од 1997, додека во 2010 го одвоивме италијанскиот од другите романски јазици, создавајќи вистинска Катедра, на која имав чест да бидам првиот шеф. Располагаме со мултимедијален италијанско-македонски центар (обезбеден со средства од една италијанска донација) каде што имаме сала со осумдесет места, опремена со кабини и слушалки за преведувачите, што многу често се употребува и за онлајн часови и за видеоконференции со италијанските универзитети, меѓу кои се издвојува цврстата соработка со оној од Бари. Освен оваа сала, имаме и библиотека и три канцеларии за професорите и морам да спомнам дека другите катедри по малку ни завидуваат“, вели Анастасија Ѓурчинова, совладувајќи ја гордата насмевка и додавајќи дека “нашите дипломци, со завршување на студиите, можат да работат било како наставници било како преведувачи и толкувачи“.

За крај, идните планови?

“Може да се направи уште многу и ние се обидуваме да се подобруваме од ден на ден. Она што ме прави среќна е силната синергија меѓу Италијанската Амбасада, Институтот “Данте Алигиери“ и Катедрата за италијански јазик и книжевност на факултетот “Блаже Конески“ (Универзитет “Св. Кирил и Методиј“) во Скопје. Се надеваме дека ќе продолжиме така и во иднина“.

Превод

1819Анета Симовска