Институт Данте Алигиери, Скопје

Збогум, Еторе Скола

Вечер во чест на великанот на италијанската кинематографија

                   
На 3 февруари, со почеток во 17 часот, во нашето седиште на плоштад Македонија, се одржа пригодна вечер во чест на неодамна починатиот режисер Еторе Скола. За таа цел, бројни гости, меѓу кои студенти и соработници на Институтот, се сретнаа пред екранот поставен за оваа пригода, со цел да уживаат во проeкцијата на еден од најрепрезентативните филмови на режисерот – „Фамилија“ од 1987 год.
   

DSC_0203[1]

Вечерта, отворена со краток вовед за животот и придонесот на Скола во областа на кинематографијата, како и во италијанската култура генерално, се заврши со една трогателна сцена од филмот која што побуди длабоки емоции и размислувања кај присутните. Се разбира, публиката не успеа да остане рамнодушна на илустрираната приказна, а уште помалку на неговата силна порака за животот и семејните вредности, која што претставува чест поттекст во неговата филмографија.

Потсетувајќи се на делото на режисерот преку ретроспективно патување низ успесите на една од клучните кариери за афирмација на италијанскиот филм во светот, беше истакната, меѓу другото, неговата умешност да ја наслика, со ироничен но топол поглед, актуелната приказна на својата земја. Испириран од концепти како историја, времето што непрекинато тече, Скола успеја да ја проектира Италија на филмското платно со сите нејзини мани и доблести, постојано во рамнотежа меѓу бруталност и емоции, хумор и драматичен реализам. Токму поради оваа причина неговите дела се сметаат за поглавја од голем роман чијашто централна тема е смешната страна на егзистенцијата, факт поради кој самиот стана препознатлив под епитeтот „мајстор на горката насмевка“.

       DSC_0200[1]

Со Еторе Скола несомнено, исчезнува и водечкиот глас на италијанската кинематографија од последниот век. Неговата смрт остава огромна празнина во италијанската култура со којашто згаснува и една од најдолгите и најплодни филмски сезони во Италија. Како и да е, споменот за великанот останува вечно присутен во светот на филмот, благодарение на неговите најпознати ремек–дела како што се: „Многу се сaкавме“ (1974), „Грди, валкани и зли“ (1976), „Еден необичен ден“ (1977), „Teраса“ (1980) и „Фамилија“ (1987). Токму овие се вбројуваат меѓу неговите најзаслужни режии кои го направија добитник на високи признанија од најреномираните интернационални филмски фестивали во Венеција, Кан, Москва.

Но ние се прашуваме, зарем постои поголемо признание од умешноста да создадеш такво парче уметност, коешто и покрај временските дистанци, сè уште успева да предизвика морници кај публиката, но и да им украде по некоја солза на присутните, баш онака збунувачки, како што впрочем, се заврши и нашава филмска вечер.

DSC_0199[1]

Вечна ти слава, великану на филмската сцена!

Магдалена Поповска