Во периодот од 25 до 27 септември во Милано, во Бискупскиот музеј, како и во Аудиториумот на италијанскиот павилјон на ЕКСПО 2015, под покровителство на претседателот на Италија се одржа 82-от биенален меѓународен конгрес на здружението Данте Алигиери, кое од 1889 го промовира ширењето на италијанскиот јазик во светот.
“Да се зголеми присуството/влијанието на Италија во светот“ беше темата на миланскиот Kонгрес кој годинава се совпадна со два големи настани за Италија: 750 години од раѓањето на Данте, најголемиот италијански поет, и ЕКСПО 2015. На конгресот, за време на кој беа утврдени тенденциите на културната и јазичната политика на здружението Данте Алигиери, учествуваа значајни говорници како Марио Џиро, потсекретар на италиајнското МНР, Лучо Карачоло, главен уредник на списанието Лимес, Лука Сериани, лингвист од Универзитетот Ла Сапиенца во Рим, Клаудио Марацини, претседател на Академија дела Круска, а во саботата на 26-ти септември конгресот го поздрави и претседателот на Република Италија, Серџо Матарела. Темите за кои се дискутираше го опфаќаа изучувањето на италијанскиот како странски јазик; процесот на интернационализација на државата преку создавање мрежа на симпатизери на Италија; валоризација и засилување на мрежата на Комитети на здружението Данте Алигиери, како и поголемо вклучување на младите во активностите на здружението во следните години.
Во своето обраќање, претседателот Матарела се заложи италијанскиот јазик да им се предава и на имигрантите, изјавувајќи дека “денес, во еден историски контекст во кој преминавме од Земја на емиграција во Земја на транзит, а во голема мера и во Земја на имиграција, да се одржи жив интересот за италијанскиот јазик е една мисија која постојано наоѓа нови причини за својот опстанок” притоа истакнувајќи дека “италијанскиот станал јазик на реципрочна комуникација“ и потсетувајќи дека „комуницирањето значи знаење, а знаењето ги урива ѕидовите на недовербата и стравот.“
Во поттикнувачкиот реферат насловен “Да живееш во еден јазик, значи да го сакаш светот“, новиот претседател на здружението, Андреа Рикарди, ги постави новите цели на здружението. Овие идеи засегаат неколку основни предизвици, како поттикнување на италофонијата и италосимпатијата во светот; или трансформирање на однесувањето на Италија и на Италијанците од насока на интровертност, кон екстровертноста. Претседателот Рикарди истакна дека „уште од самиот почеток мисијата на здружението Данте Алигиери била онаа на негување, поврзување и сложување на делчињата од татковината надвор од нејзините граници. Ова е првичната мисија на централното седиште во Рим (сместено во старата палата Фиренце, тосканска амбасада кај папите) но исто така и на 500-те Комитети во светот.
На овој конгрес се запрашавме како да се реализира таа мисија во светски рамки, во кои редовно се поместуваат границите, се создаваат мостови, но се издигаат и нови ѕидови. Еден од аспектите на италијанската криза, потсети Рикарди, е фактот дека “на глобален план, ние не успеавме брзо да се возобновиме , напротив, останавме интровертни и глобализацијата нè затекна во состојба на затвореност и загриженост.Нашата граница, јазикот, веднаш -како сизмограф- ги забележа поместувањата на светот, најпрвин преку ширењето на англискиот јазик, додека положбата на италијанскиот беше не само занемарена, туку и предизвикана.“ Затоа, активноста на здружението Данте Алигиери ја сместуваме во перспективата на италијанската екстровертност: тоа е прашање на јазик и култура, интерес за Италија, сè на сè, прашање кое го засега светот, производите, италијанскиот стил, начинот на живот. Да бидеме екстровертни и на висина на светските процеси. “Италија”, како што истакна претседателот Рикарди во заклучокот, “има ресурси: има голем број емигранти, “делчиња “ од Италија насекаде, подрачја на италофони, италосимпатизери, обожаватели, луѓе кои работат со нас, љубители на нашиот свет. За да се всади љубов кон Италија, нејините производи и нејзините простори, потребно е да се инвестира во создавањето симпатии кон Италија и во зголемувањето на италофонијата. Италофонијата, симпатијата кон Италија – тоа е италијанскиот начин на изодување на улиците на светот.“ На крајот беше договорено следниот конгрес на здружението да биде одржан во 2017 година во Буенос Аирес, Аргентина.
Во дебатата на Комитетите на здружението Данте Алигиери, која се одржа во рамките на миланскиот Конгрес, учествуваше и професорката Анастасија Ѓурчинова, којашто ги претстави особеностите на италијанското присуство во Република Македонија, како и различните активности на Институтот Данте Алигиери од Скопје.
Повеќе информации за Конгресот ќе најдете на следниот линк:
http://ladante.it/106-speciale-congresso-milano-2015/249-rassegna-stampa.html
(превод од италијански: Даниела Здравковска)