III Обука за наставници по италијански јазик во РМ
(мај-јуни 2015)
Институтот Данте Алигиери од Скопје, благодарение на поддршката од Италијанската Амбасада во Скопје и на грантот од Италијанското Министерство за надворешни работи за промоција на италијанскиот јазик и култура во странство, по трет пат организираше Обука за наставници по италијански јазик во РМ. Имајќи ја предвид претходно воспоставената соработка со Лабораторијата ИТАЛС при Универзитетот Ка Фоскари од Венеција при организирање на првата и втората Обука, Институтот и годинава ја обнови соработката со истата институција. Заедно со колегите од Лабораторијата ИТАЛС беше утврден следниот тек на организацијата: Обуката да се одржи во три фази: две фази со директно присуство и една фаза онлајн, пришто првата фаза да се одржи во месец мај во Скопје, фазата на далечина (онлајн) во текот на месец јуни а последната фаза да се одржи повторно во Скопје, во октомври 2015. На првата фаза од Обуката што се одржа на 09 мај 2015 година во седиштето на Институтот Данте Алигиери во Скопје, во италијанско-македонскиот мултимедијален центар (Катедра за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаж Конески“ – УКИМ, Скопје) се пријавија 40 учесници од различни градови во Македонија: Скопје, Охрид, Тетово, Куманово, Штип, Дебар, Прилеп. За оваа фаза Лабораторијата ИТАЛС ја прати како обучувач, проф. Марија Чечилија Луизе која заедно со учесниците ја разработи темата за наставните техники, односно стратегии за развој на јазичните вештини и за работа со групи диференцирани по возраст и по јазични нивоа. Обуката започна во 9 часот наутро со обработка на генералните принципи и наставни стратегии, потоа продолжи со работилници и други активности по групи, за да заврши во 18 часот со потврда на севкупниот впечаток од Обуката. По завршувањето на оваа фаза, Институтот во постојан контакт со Лабораторијата ИТАЛС ги набави лозинките за пристап до електронската платформа на форумот онлајн за 29 учесници. Оваа фаза започна на 01 јуни и заврши на 27 јуни. Во текот на оваа фаза, учесниците имаа задача да изработуваат задачи поврзани со аудиовизуелните материјали во наставата по италијански јазик под менторство на проф. Марија Чечилија Луизе. Од коментарите објавени на форумот од страна на професорите – “мотивирачки активности, интересни вежби, вредни сугестии“ итн. може да се заклучи дека и втората фаза од Обуката заврши успешно, на огромно задоволство на Институтот Данте Алигиери од Скопје.