Конверзациски средби
Институтот Данте Алигиери од Скопје во непосреден контакт со своите членови, а во постојан обид да им излезе во пресрет на нивните барања и интереси од областа на италијанскиот јазик и култура, започна со организација на конверзациски средби, во периодот април-мај 2014. Средбите се наменети за членовите на Институтот со цел да им овозможи практична употреба на италијанскиот јазик низ размена на мислења, ставови и искуства во однос на некои теми од општествено-културното италијанско секојдневие.
Средбите ги водат двајца модератори – од Македонија и Италија, а се одвиваат во седиштето на Јазичниот Центар на Институтот во Скопје (плоштад Македонија, Ристиќева Палата, 3кат), на секои две недели (вторник). Можност за учество имаат сите актуелни членови на “Данте“ од Скопје (зачленети во 2014/2015 год.) Бројот на учесници е ограничен и можат да учествуваат оние членови кои први ќе пратат потврда за учество на маил адресата: ladante.skopje@gmail.com. Откако ќе го потврдат своето учество, пријавените учесници на својата маил адреса добиваат детали околу наведената тема за конверзација.
Првата конверзациска средба во 2015 година се одржа на 24 март на тема “Човековата слобода и граѓански права според Роберто Бенињи“ на која “Данте“ членовите разговараа со гостинот-модератор, режисерот Лука Кортина. На втората средба што се одржа на 07 април, “Данте“ членовите можеа да разговараат со Роберто Тамборини, на тема “Италијанскиот јазик во ерата на глобализација“. На третата средба одржана на 21 април “Данте“ членовите разговараа со Џовани Вигато за имиграцијата. На четвртата средба одржана на 05 мај, гостин-модератор беше авторот на водичот посветен на градот Скопје и околината – Базилио Буфони. “Данте“ членовите разговараа со гостинот за италијанското гледиште за Македонија. Последната средба за пролетниот семестар се одржа на 19 мај кога “Данте“ членовите имаа можност да разговараат за феминизмот со италијанките – гостинки на средбата: Лучана Гвидо, Анџелина Поликано и др. Благодарение на успешните средби засновани на големиот интерес за учество од страна на “Данте“ членовите, Институтот се обврзува да продолжи со организацијата на овие средби и во следниот семестар во 2015 година.