Институт Данте Алигиери, Скопје

piazze-img1Плоштадите заземаат важно место во секојдневниот живот на Италијанците. Како места за средба, стануваат симбол на стилот на одредена епоха. Најчесто се сместени во центарот на градот и низ времето соодветствувале на најважните функции од јавен карактер: граѓански, религиозни, трговски.Епохи од суштинско значење за плоштадите се средниот век, ренесансата и барокот: периодот на Барокот и 19-от век ги повторуваат искуствата отворени со ренесансните иницијативи.

Во современото доба, во кое италијанските градови достигнуваат еден феномен на развој, градот сѐ помалку е место по мерка на човекот. Меѓу градовите кои најдобро ги претставуваат стилските карактеристики се: Рим, Фиренца, Милано, Падова, Сиена, Венеција, Пиза, Болоња, Тренто.

piazze-img2“Piazza della signoria” – Фиренца
Плоштадот на сињориите бил изграден во текот на XIII и XIV век. Плоштадот го одликуваат статуи  кои му даваат човечка природа:статуата на Козимо Први де Медичи, фонтаната на Нептун и 12-те бронзени фигури, статуите на Донатело, Микеланџело,Бандинели. Плоштадот, во својата физиономија, ја одразува гордоста, умствената ревност, елеганцијата и вкусот на фирентинскиот народ: плоштадот бил отсекогаш центар на политичкиот и граѓанскиот живот. Овде, во присуство на претставници од граѓанските слоеви и народот, се одлучувале државните работи и се одвивале свечените церемонии на Републиката.

Меѓу тажните настани на кои плоштадот бил театар, треба да се запомни оној од мај 1498 год. кога бил обесен и запален Џироламо Савонарола.Составен дел на Плоштадот е и ренесансниот плоштад Уфици кој датира од шеснаесеттиот век.

piazze-img3Плоштадот Дуомо – Милано
Како комплексно здание, Дуомото во Милано на јасен начин открива некои стилски неусогласености, но тоа се дисонанци кои не го лишуваат од возвишениот изглед, нагласен од богатата украсеност со статуи, што претставува центар на визуелна привлечност на целиот Плоштад. На предната страна, отаде споменикот на Виторио Емануеле II, се наоѓа Палатата со часовникот, која се одликува со рекламни натписи кои навечер се осветлени со светла и бои.

Долж поголемите страни се протегаат зданијата кои ги изградил Менгони според проект кој претставува пример за реториката и монументалноста на еклектицизмот на 19 век. Северната страна е отворена од голема триумфална капија која е влез во галеријата Виторио Емануеле II. Предната страна завршува со Пропилеите, два симетрични објекта кои сведочат за голото студенило на архитектурата на фашистичкиот режим и кои се во контраст со класичната линеарност на плоштатчето од Плоштадот Реале. Меѓу двете зданија се отвара кратка патека која води до модерниот плоштад Диаз.

piazze-img4Плоштад Свети Петар – Рим
Плоштадот Свети Петар е крал меѓу плоштадите и ремек дело на Бернини кој го изградил со цел да овозможи свечен пристап до најголемиот храм на христијанството и на тој начин да ги возвиши вредностите на Католицизмот. Се работи за огромна елипса во чија основа се наоѓа фасадата на ватиканската Базилика, а зад неа се издига величенствена куполата на Микеланџело.Во центарот на полукругот се издига египетскиот обелиск најден во Нероновиот стадион. Од двете страни се наоѓаат две фонатани од XVII век кои високо ја исфрлаат водата, давајќи на тој начин музичка нота на архитектонската свеченост на амбиентот. Сѐ е сконцентрирано на фокусот::фасадата на Базиликата. Кон неа се прилагодуваат пропорциите, додека просторот постепено се шири, создавајќи илузија на динамична сценографија , на грандиозни и возвишени ефекти.

Најраздвижени моменти се оние кога за време на свечените религиозни церемонии, плоштадот го исполнува толпа луѓе. Само тогаш неговите димензии, пространоста, големиот број статуи кои бдеат над него одозгора, се соголуваат од реториката. Тогаш, во повторното пронајдената функционалност на неговите карактеристики, без да ја изгуби свеченоста, тој изнаоѓа и една светла и човечка убавина.

piazze-img5Плоштад свети Марко – Венеција
Плоштадот Свети Марко е еден од најзначајните италијански плоштади, прочуен во целиот свет поради неговата убавина. Претставува единствен урбан простор во Венеција кој се смета за плоштад, со оглед на тоа дека сите други поголеми јавни простори се нарекуваат „полиња“. Познат е уште како “ Плоштадот“ или “Европскиот салон“. Целиот е затворен на таков начин што потсетува на простран мермерен салон под отворено небо. Плоштадот е опкружен со елегантни зданија на кои сводовите им даваат еден простран и одмерен ритам.Тие се: на северната страна Кулата со часовникот и „Старите прокуратии“ наменети за највисоките претставници на Правосудството на Републиката, по она Дуждовото; на западната страна неокласичното Наполеонско крило. На крајот се издига камбанаријата на Свети Марко.

Доминира монументалната фасада на Дуждовата палата чијашто суптилна игра на светло-темно е претставена со класично свечени тонови. Плоштадот Свети Марко секогаш бил срце на градскиот живот. Сцена на граѓански и религиозни церемонии, на забави и турнири во времето на Република Серенисима, денес претставува собирно место на венецијанците и туристите кои што тука се среќаваат во секое време. Еден елемент од суштинско значење за разнобојниот човечки пејсаж се јатата гулаби коишто со својот лет му вдахнуваат живот и се движат помеѓу минувачите насобирајќи се во огромен број околу оној кој, почитувајќи една долга традиција, им пружа на раката храна за птици.

piazze-img6Плоштад на Обединувањето – Трст
Плоштадот на Обединувањето со само еден поглед ја раскажува приказната за еден град кој доживеал два златни века и бил пристаништето на Австро-Унгарија. Благодарноста за стекнатиот просперитет поттикнала многу семејства да вложуваат во него, за да го направат градот што е можно поубав. Плоштадот претставува еден вид сцена којашто од една страна го има како позадина морето, заливот, старото пристаниште; а од друга страна Зградата на Регионот, Лојд од Трст и Кафетеријата на огледалата. Плоштадот дење е убав, но станува прекрасен навечер со осветлените згради и сините светилки на подот кои означуваат каде се наоѓало старото пристаниште. Од „Херојскиот Мол“ глетката станува неопислива. Чувството е дека се наоѓате на среде море и доволно е да се фрли поглед за да се види како се прегрнуваат сите брегови со монументалното здание на вилата Карчоти, грчко-православната црква на Свети Николо, театарот Верди, Плоштадот на обединувањето на Италија. Плоштадот на Обединувањето е наречен уште и ”Салон на Трст“ и за жителите на Трст е место за кое се чувствуваат многу приврзани бидејќи тука пулсира целиот градски живот. Денес е место за неделни прошетки, претстави, прослави и збиднувања, така како што во минатото бил место на процесии, егзекуции и карусели. Во минатото се нарекувал “Свети Петар“,но често и “Големиот Плоштад “.Бил преименуван во “Плоштад на Обединувањето “ непосредно по анексијата кон Италија на 4-ти ноември 1918 год., по повеќе од 550 години хабсбуршка доминација.

Даниела Здравковска