Институт Данте Алигиери, Скопје

Во месец јуни 2008 година беа одбележани сто години од раѓањето на големиот италијански писател Чезаре Павезе. Роден е 1908 година во регионот Ланге, во Пиемонте, во ситно буржоаско семејство, кое подоцна се преселува во Торино. Но пејзажот на Ланге останува вгнезден во неговото срце и провлекувајќи се низ неговиот живот, остава трага и во неговите дела.

Постои тишина која опстојува врз растенијата и ридовите

Постојат води и полиња

Тоа е земја што чека и не вели збор

Црвена земјо, Црна земјо,

Ти доаѓаш од морето

Од зелената суша,

Каде што се древните зборови и крвниот напор

И сарделите меѓу карпите

(Ч.Павезе: од „Земјата и смртта”)

1-1

Павезе дипломирал на Факултетот за книжевност со дипломски труд на тема: Интерпретација на поезијата на Волт Витман. Оттогаш се посветува на наставата, работејќи во приватни и вечерни училишта. Неговата творечка страст е попречувана од страна на фашистичкиот режим, од кој често пати е затворан и прогонуван. За неговото длабоко разочарување не придонесува само режимот, туку и несреќната љубовна врска со американската актерка Констанс Даулинг. Горчливото искуство од прогонството и љубовното разочарување го потиснуваат авторот во една длабока и сериозна криза, која завршува со самоубиство.

1-2

1-3

1-4

Чезаре Павезе останува запаметен како преведувач, поет и прозаист. Неговите дела се сместуваат меѓу реализмот и симболизмот. А пак, најевидентниот аспект на неговата припадност на декандентизмот произлегува од кризниот однос меѓу уметноста и животот. Во неговиот живот полн со противречности и конфликти најголемо богатство е сензибилноста, која всушност негативно влијае на неговата судбина, но не и на неговото творештво. Друг белег кој го поврзува со епохата на декадентизмот е неспособноста да се соочи со постоењето, со хендикепираноста на човечките односи и неадекватните ситуации во животот. И така живеењето, според Павезе, станува занает кој со тешка мака треба да се научи, но најчесто без резултати. И во ваквото измачување уметноста се појавува како интегрална замена за постоењето: ‘’Научив да пишувам, но не и да живеам’’. Пишувањето е негово единствено прибежиште, единствена можност да се почувствува жив, па дури и среќен: ‘’Кога пишувам сум нормален, смирен и ведар!’’

„Занаетот на живеењето“ се забележуваат теми како очајното трагање по љубовта, па сè до обидот за самоубиство, како последно искушение кое го надвладува и става крај на неговиот бесмислен живот. Овој дневник пронајден од неговиот пријател, писателот Давиде Лајолo, го завршува со зборовите:

Од сè ми е згадено. Нема повеќе зборови. Треба да се делува. Не пишувам повеќе.

На сто години од неговото раѓање не можевме а да не се навратиме и да не се потсетиме на Павезе и на неговиот придонес во италијанската култура. Во негова чест нашите колеги организираа претстава преку која уште еднаш видовме дека проблемот на животот е: како да се победи сопствената осаменост, како да се комуницира со другите. Единственото решение се чини дека е литературата.

Александра Трајковска