Институт Данте Алигиери, Скопје

Фестивалот на италијанската песна Санремо е музичка манифестација која се одржува секоја година во Санремо, Италија. Претставува еден од најголемите медиумски настани, пренесуван во живо, на телевизија и на радио. Во 2014 се одржа шеесет и четвртото издание. Оваа музичка манифестација се пренесува во живо на европскиот ТВ канал Еуровизија.

На фестивалот се наградуваат необјавени песни, предложени во текот на претходната година на комисија која ги проценува кандидираните песни, и која ги селектира најдобрите кои ќе бидат изведени во текот на настапите (според принципот на кандидатура и номинација). Се наградуваат претставници од следните категории „БИГˮ (понекогаш поделени на „Класикаˮ, „Жениˮ, „Мажиˮ и „Групиˮ), „Нови предлозиˮ и се доделуваат наградите на критичарите „Миа Мартиниˮ, награди за достигнувања во кариерата и други посебни награди. Згора на тоа, меѓу различните награди и признанија, секоја година посебната комисија на РАИ избира еден од пејачите за претставник на Италија на Евровизискиот натпревар, манифестација која е испирирана токму од Санремо.

Со оглед на тоа што е најпозната манифестација за лежерна поп музика во Италија, со одредена препознатливост и во странство, стана еден од главните медиумски настани на италијанската телевизија и продолжува да предизвикува дебати и полемики на секое издание. Помеѓу најпознатите победници се: Доменико Модуњо, Адриано Челентано, Пепино ди Капри, Тото Кутуњо, Рики е Повери, Ерос Рамацоти, Умберто Тоци, Енрико Руџери, Масимо Раниери, Ана Окса, Ема, Марко Менгони.

Тој е првиот фестивал кој бил пренесуван во живо на телевизија во 1955 година и првиот фестивал кој бил сниман со камери во боја во 1973 година.

Шеесет и петтото издание на Фестивалот на Италијанската Песна Санремо ќе се одржи во Санремо, Лигурија, во Театарот Аристон, од 10 до 14 февруари 2015 и ќе биде воден од Карло Конти, придружен од пејачките Ариза и Ема, двете поранешни победнички на Фестивалот (првата во изданието во 2014 година, а другата во 2012; меѓу другото Ариза била победничка и во категоријата „Нови предлозиˮ во 2009 година ).

На Санремо 2015 во категоријата „Шампиониˮ ќе настапат 20 пејачи, меѓу кои и познатите Анализа, Нек, Нина Ѕили, Ирене Гранди и Алекс Брити, а во категоријата „Нови предлозиˮ (пејачи меѓу 16 и 36 години) ќе се натпреваруваат 8 дебитанти. Дваесетмината шампиони ќе настапат изведувајќи само една песна, за разлика од минатите две изданија на Фестивалот водени од Фабио Фацио кога еден пејач изведуваше две песни. Во финалната вечер ќе настапат 12 Шампиони бидејќи четворица ќе испаднат на крајот од четвртата вечер. Победникот на категоријата „Шампиониˮ ќе ја има можноста, доколку се согласи, да ја претставува Италија на Евросонг 2015, кој ќе се одржи на 19, 21 и 23 мај 2015 во Виена, Австрија.

Шарлиз Терон, јужноафриканската актерка и добитничка на Оскар за филмот Чудовиште, Кончита Вурст, австриската победничка на Евросонг 2014, Ед Ширан, британската рок ѕвезда на новата генерација и веќе добро познатите на италијанската публика Џана Нанини и Тицијано Феро годинава ќе ја збогатат листата на специјални гости на Фестивалот.

Како што е веќе објавено, Фестивалот ќе се отвори во знак на носталгија со настапот на Албано и Ромина, на истата сцена каде што тие беа протагонисти последен пат во 1991и тие ќе ги отпеат нивните историски хитови, почнувајќи од Felicità.

Андријана Русеска