Институт Данте Алигиери, Скопје

uvodnikПо подолга пауза од неколку години, весникот Данте го обновува своето излегување, во ново руво и со нова редакција. Особено пристапувањето кон нашата редакција на новиот член, одговорен за графичкото уредување и за дизајнот (Л.Цветковски), е пресудно за настанатите промени и за новиот изглед на весникот. А вклучувањето на младите членови на редакцијата од редот на студентите, апсолвентите и демонстраторите на Групата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје донесе нов дух во весникот и особена свежина на идеите и на прилозите. Покрај вообичаеното претставување на активностите на Институтот Данте Алигиери во Скопје, весникот во своето ново руво ќе се погрижи да ги следи и италијанските книжевни и културни новости, книжевните награди, новостите од филмот и театарот, преводите од италијански автори, ќе ги одбележува годишнините од раѓањето на познати личности и настани од италијанската култура, а во секој број ќе донесува и по еден монографски прилог посветен на некој значаен лик или тема поврзани со италијанската и/или македонската култура.

Во оваа пригода ги проследуваме образовните и културните активности на Институтот во сезоната 2008/2009, т.е. во периодот по назначувањето на новиот Комитет на здружението Данте Алигиери во Скопје (членови: Марија Грација Цветковска, Александра Саржоска, Дијана Саздова, Катерина Сотирова и Анастасија Ѓурчинова). Покрај претставувањето на новововедените курсеви по италијански јазик и испитите за сертификатот Плида, со гордост истакнуваме дека Институтот реализираше и еден значаен образовен проект заедно со Италијанската комора за надворешна трговија ICE, а одбележа и низа настани од областа на италијанската култура: годишнините од раѓањето на Чезаре Павезе, Андреа Паладио, Џорџо де Кирико и др.

Литературните страници овојпат се резервирани за добитникот на престижната награда Стрега 2008, Паоло Џордано (кој го освои признанието за најдобар роман на годината со своето дебитантско остварување Осаменоста на примарните броеви). Со оглед на фактот дека Здружението Данте Алигиери од Рим од 2009 година е вклучено меѓу членовите на жирито за оваа престижна награда, весникот Данте со особено внимание ќе ги следи случувањата поврзани со ова реномирано книжевно признание.

Во овој број донесуваме специјален прилог посветен на Борис Петковски (1931-2004), наш познат историчар на уметноста, универзитетски професор и прв претседател на Италијанскиот културен центар во Македонија. Редакцијата на Данте го прифати љубезниот предлог на Џовани Грило, кој во периодот до 2005 г. беше одговорен на секторот за култура и конзуларни работи при Италијанската амбасада во Скопје, да објави, во форма на монографски прилог, со избор на текстови посветени на проф. Петковски, напишани од негови пријатели, колеги и соработници. На тој начин ñ се оддава почит на една знаменита личност од академскиот и уметничкиот живот на Скопје, која остави длабоки и незаменливи траги во проучувањето на модерната уметност, а која секогаш со многу страст и посветеност работеше и на поврзувањето на италијанската и македонската култура.

Тргнувајќи од овој број, одлучивме да го печатиме весникот Данте двојазично: на италијански и на македонски, верувајќи дека така ќе може подобро да комуницира помеѓу двете култури, како и да го задоволи постојано присутното љубопитство кај нас за уметноста, книжевноста и културата на Италија, дури и кај оние читатели кои (сè уште) не го познаваат добро италијанскиот јазик.

Анастасија Ѓурчинова