Институт Данте Алигиери, Скопје

“Кога не знаеш што е, тогаш е џез! “ една од највпечатливите фрази во романот на Барико која наоѓа свој простор и значење во повеќе аспекти на човековиот живот. Изречена како шеговит заклучок на раскажувачот на приказната, зазема јасен став кон нештата како послободен израз за нешто што е надвор од вообичаеното, за нешто што тешко се вклопува во една одредена рамка на значење, фраза која станува метафора за самиот јунак на романот, Дени Будман Т.Д Лемон Новеченто. Лик кој свири нешто што не може да се вклопи во ниту една музичка форма, кој свири нешто чудно, извонредно и невообичаено, нешто што одекнува само во негово присуство, нешто што постои само додека тој е на пијаното; лик кој и самиот не може да се вклопи и да го најде своето место во ниту една општествена рамка, но кој, сепак, знае да продре во душата на секој. Имагинарен лик, сирак напуштен во балската соба за првата класа на бродот “Вирџинијан” чии родители се надевале дека ќе стане богат и успешен. “Планот функционираше до половина; богат не стана, но успешен, да: најголемиот музичар кој некогаш свирел на бродот!” Музичар кој со својата музика ќе ги натераше сите да заиграат “ за човек да не го почувствува поминувањето на времето, за да заборави кој е и зошто се качил на бродот затоа што Океанот е голем и застрашувачки!“. Дете на Океанот, сирак роден на брод опкружен со бескрајно азурната боја- Океанот; Дете усвоено од еден добродушен машинист, црнец од Филаделфија, но и од целиот екипаж на бродот. Останувајќи сирак по вторпат по смртта на црнецот, меѓу оние на бродот станува сечие дете кое одбива да се сретне лице в лице со оној свет кој го отфрлил, копното! Неговите ноти, луди, ненормални, непостоечки, чиста негова измислица, како да го дефинираат самото време, самата епоха во која живее, 20-от век (Новеченто) чие и име го носи. Така не само со името, туку и со музиката, станува симбол за вредностите и особините на една епоха, на едно време кое е премногу комплексно за да се објасни. Океанот е бескраен, нешто што му нуди бескрајна перспектива за животот, нешто што ќе го натера да размисли и да се запраша дали копното треба да стане негов дом. Не, не треба да стане затоа што „оној кој пред очи отсекогаш го имал бескрајот, никогаш не ќе може да го слушне неговиот повик наоѓајќи се далеку од него!“ Така, го одбива тој свет, прилепен за копното, свет кој не му го ветува мирот кој го пронајде на „Вирџинијан“, меѓу акордите на пијаното гледајќи ги луѓето со насмевка на лицето како се забавуваат со неговата музика и онаа на „Атлантик џез бендот” додека нестрпливо го исчекуваат пристигнувањето во земјата на надежта, гледајќи ги како му се восхитуваат на способноста да го покрене целиот брод, чиниш целиот свет, со таа „луда “, навидум бесмислена, енергија, сé додека еден не ја здогледа „Америкааа!“, момент кога сите се упатуваат кон палубата заборавајќи на неговата музика и на него, како никогаш да не постоел! Момент кога повторно останува сам со својот свет, со своето пијано, со своето семејство и својата куќа која никогаш не ја напушти, бродот “Вирџинијан“, брод кој за него претставуваше цел свет со преполните балските сали од прва класа, со сиромашните кои во тој недоглед гледаа надеж и на чии лица можеше да ја види секоја човечка реакција. Му беше доволно! Немаше потреба да оди по светот за да најде различни луѓе со различни табиети затоа што секое од двете патувања кои ги правеше за една година, откриваше еден нов свет на луѓе, на табиети, на емоции… Му беше доволно! Така воведната фраза за џезот, уште еднаш се докажува како совршена метафора за состојбата на самиот јунак на приказната: уметник кој не успева да се препознае во традиционалниот начин на живот, во една конкретна животна форма, во конкретен животен стил, секогаш растргнат меѓу различни светови, кој го разбира јазикот на душата на секој што ќе се качеше на бродот, а чија душа и животна судбина можеше да ја раскаже само преку својата музика, чудна и непредвидлива како што е и самиот негов живот, како и животот на сите нас. Извонредна книга, ремек-дело на современиот италијански писател Алесандро Барико, ќе се согласи книжевната критика, во која го гледаме Барико „ангажиран“ во својот типичен израз: да напише дело апсолутно без никаква ангажираност во кое преку еден детаљ ќе раскаже за нешто повеќе. „Детаљот“ е самиот протагонист на приказната во кој е фокусирано целото внимание на нарацијата, а следејќи ја неговата животна сторија, авторот , истовремено, зборува за еден многу значаен феномен, од историска гледна точка, за почетокот на 20-от век:емиграцијата и митот за Америка затоа што “Америка си е Америка “, како што ќе слушнеме и денес! Роман- монолог раскажан од трубачот Макс Тони, и самиот тој дел од Атлантик џез бендот кој поради големиот успех кој го доживеа , доби и своја екранизирана верзија во филмот на извонредниот Џузепе Торнаторе „Легендата за пијанистот на Океанот“ овој пат придружен од акордите на единствениот меѓу музичарите, Енио Мориконе. Писател кој „направи нешто големо“, како што вели и самиот тој, затоа што неговата литература која аспирира кон нешто што ја надминува рутината „е нешто што занаетчиите секојдневно го работат”. Книга завршена во само 70-тина страници, во која само „еден потег со пенкалото би бил доволен за да се уништи она што е совршено и ненадминливо!” Книга од чиишто малку страници произлегува извонредно поетско чувство за животот, тоа лесно и радосно чувство кое ќе ги освои критичарите и кое ќе ги поттикне да го дефинираат како „чудесен “ тој извонреден талент на авторот.
Даниела Здравковска Alessandro-Baricco novecento fur rezi