Изјавува Переира е ремек-дело на италијанската литература на дваесеттиот век и исто така еден од најзначајните текстови од современата литература. Приказната се одвива во Лисабон, во летото 1938 година, период кога во Португалија владее диктатурата на Салазар која ги гази човековите права и пред сè човековата слобода. Главниот лик Переира е Португалец, новинар во години кој ја води рубриката посветена на култура во весникот “Лижбоа“. Переира е мирен човек, осамен вдовец и католик кој нема политички ставови и живее во сопствен свет, предаден на страста за литература, особено француската литература од деветнаесеттиот век. Тој не го одрекува фактот дека луѓето во Португалија живеат под диктатурата, но едноставно не се грижи премногу за тоа, исто како просечниот човек кој не се интересира за настаните во светот, ниту пак верува дека со тоа би можел да промени нешто. Живеејќи во својот затворен свет, тој ја исклучува од него страшната реалност на угнетениот свет кој го опкружува. Еден ден, додека размислува за смртта, тема со која е опседнат по смртта на неговата жена, наидува на една статија, извадок од дипломската работа на младиот Монтеиро Роси, која му се чини интересна и затоа одлучува да го повика момчето и да му понуди работа како негов помошник. Монтеиро Роси е непомирлив и револуцуинерен дух кој не се плаши отворено да го критикува насилничкиот режим во статиите исполнети со социјалистички и анархистички теории кои ги пишува за Переира и кои не можат да бидат објавени поради цензурата на која подлежи печатот. Читајќи ги овие статии и следејќи ја опасната ситуација во која се наоѓа момчето кое ги поддржува шпанските револуционери, Переира претрпува длабока внатрешна промена и почнува да си поставува суштински општествени прашања проследени со сомнежи за моралот и значењето на ангажманот на човекот во општеството. Обземен од грижата за младиот Монтеиро, во кој го гледа синот што никогаш не го имал, протагонистот е принуден да со соочи со реалноста која ја отфрлал од својот живот и конечно преживува преобразба. Насилната смрт на Монтеиро Роси ќе биде за него еден поттик, внатрешно будење за активност против режимот со сите негови неправди и поддршка на револуцијата која секако бара да се откаже од удобниот живот. Оваа трансформација или будењето на совеста праќа една значајна и универзална порака за улогата на интелектуалецот во општеството кој никогаш не смее да се крие позади неговите книги. Неговата рамнодушност и индиферентост се еднакви со соучеството во диктатурата и затоа тој има морална обврска да биде активен и да учествува во општеството, да ги осуди неправдите и да критикува за да го промени и направи подобар системот. Едноставноста со која е пренесена приказната создава еден реален свет во кој читателот тоне обземен од се поинтензивната тензија и сочувството кон ликовите кои трпат многу агресија, стравови и понижувања додека единствено ја бараат својата слобода. Изјавува Переира е книга која ги третира суштинските етички проблеми на општеството, кои се актуелни и денес, и која сигурно ќе влијае врз совеста на читателите. Романот е добитник на многу реномирани награди и е исто така инспирација за снимањето на истоимениот филм во кој главната улога ја игра фасцинантниот Марчело Мастројани. Андријана Русеска