Во организација на Директоратот Дипломатска академија, на 5 февруари, во просториите на Министерството за надворешни работи, амбасадорот на Република Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белили на слушателите на наставата по италијански јазик им ги врачи сертификатите за положениот испит и учебниците за курсот, што се донација на Амбасадата на Италија во Република Македонија. Министерот Попоски претходно оствари средба со амбасадорот на Република Италија, Ернесто Масимино Белили, при што изрази задоволство што 40-тина учесници од Министерството партиципираа во овој проект. Ова е дел од нашата политика во Министерство за јазична обука на нашите кадри, потенцираше Попоски. Во воведниот дел од церемонијата на доделувањето на потврдите, Министерот Попоски го поздрави интересот на македонските дипломати за изучување на италијанскиот јазик, како уште еден придонес кон запознавањето и приближувањето на културите на македонскиот и италијанскиот народ. Наставата по италијански јазик за дипломатите во МНР, започна на 2 декември 2013 година како резултат на соработката меѓу Дипломатската Академија при МНР, Институтот „Данте Алигери“ од Скопје и италијанската Амбасада во Скопје. На настанот присуствуваа претставници на Институтот „Данте Алигиери“, директорката Анастасија Ѓурчинова, лекторката по италијански јазик Алесандра Ксенија Јелен и заменикот на амбасадорот, Филипо Кандела.