Џорџо де Кирико e сликар чија уметност нè поттикна да го истражиме неговиот животен пат, притоа, откривајќи сосема нови видици и можни значења. Станува збор за сликар кој навистина заслужува да биде подробно анализиран и безрезервно ценет.
Неговите дела насликани пред основањато на метафизиката, биле дефинирани како енигматски. Предметите од сликите биле често инспирирани од дневните светла на медитеранските градови а, со текот на времето, своето внимание почнува да го насочува кон изучувањето на класичната архитектура.
Во сликите на Де Кирико се забележува оригинално и романтично толкување на класиката како и интерес за техниките на големите ренесансни мајстори.. Така ги создава делата чија карактеристика се повторувањето на градби во кои има отсуство на реалистични перспективи и човечки силуети завиени од надреална клима на мистериозност.
Се интересира за сулптура од печена глина и се одликува со тоа што ги слика тридимензионално своите омилени предмети. Продолжува да ја развива својата сликарска техника од метафизички аспект, задржувајќи ја традиционалната основа и боите кои најчесто ги употребува се темно и небесно сина и изразени нијанси на црвена и зелена боја.к
Најпознатите платна се оние на кои се прикажани празни плоштади изложени на сонце каде сè делува мирно и тивко и каде единствен знак на живот е по некој случаен воз кој се појавува некаде на хоризонтот или оџак што испушта чад. Повремено се забележува извесна сенка или изолирана статуа чија осаменост ја симболизира отуѓеноста на човекот. Присуството на ренесансниот амбиент потсетува на италијанските плоштади, но ниедна слика не постои вистински во материјалниот свет бидејќи Де Кирико ја прилагодува според личните замисли. Наместо места за дружење, плоштадите од неговите слики претставуваат празен простор во кои не постои можноста од било каква средба, каде и тие едвај видливи фигури се губат наспроти големата архитектура, се чинат туѓи и загрижени и полека стануваат ” натприродни”. Без оглед на тоа што боите и светлата се вештачки, местата, сепак, се чинат доста реални. Апсурдните перспективи и апстрактните доближувања водат до нова димензија која ги премостува границите на реалноста и навлегува во еден сосема нов, привиден свет.
Во изборот на сликите кој го направивме се наоѓаат мотиви кои не изразуваат само возвишени значења, туку и такви кои нè погодуваат секојдневно.
- 1. Меланхолијата на убавиот ден
- 2. Невиноста на сонoт
- 3. Тага за бесконечност
- 4. Енигмата на времетo
- 5. Противречноста на мислителот
Станува збор за слики кои нè предизвикуваат да се запрашаме за работи чие значење е суштинско и за кои е речиси невозможно да се дадат прецизни одговори. Тоа дополнително отвора цел еден лавиринт од филозофски прашања каде можеме да навратиме секогаш кога ќе го почувствуваме поривот да продлабочиме мал од дел од нашите соништа, препуштајќи се на вртоглавата возбуда од бескрајниот простор каде почива сета наша љубопитност.
Уметноста на Де Кирико може да се набљудува како „двосмислена, вознемирувачка и противречна” затоа што поставува форми каде што има отсуство на жива материја во празни и ненаселени простори, во време кое можеби не е вечно, но во кое сè е неподвижно. Таа состојба на неподвижност е својство на вечноста.
Дури и просторот е загадочен затоа што претставува своевидна креација на времето, кое во неговите слики се провлекува на
три начини: преку часовници кои го симболизираат моменталното минување на времето, преку сенките кои нè носат назад во минатото и, најпосле, преку архитектурата, која е безвременска и преку која сегашноста се обединува со минатото и иднината. Впрочем би можело да се рече дека поради неговата недофатливост, токму времето е клучниот елемент во неговата уметност.
Се надеваме дека, иако краток, овој текст придонесе макар во мала мера, ослободување на уште еден дел од вашата љубопитност инспирирајќи ве да препознаете нови содржини во ваши, лични, безусловни критериуми.
Катарина Величковска