Болоња, центарот на Италија и на Европа, е крстосница на знаење и искуства и отсекогаш била место на размена и комуникација. Болоња е главен град на регионот Емилија Ромања, позната како црвената, учената и дебелата. “Црвена“ поради бојата на циглите на зградите и улиците, “учена“ односно образована, во чест на нејзиниот универзитет прв во Европа и “дебела“ поради неодоливите гастрономски производи како и различните видови салами, тортелини и вина. Историскиот дел на градот може да се посети одејќи пеш, можеби започнувајќи ја прошетката од Пјаца Маџоре каде што е сместена Базиликата на Сан Петронио, најпознатата и најграндиозната црква во Болоња, и е шестата најголема во Европа. Потоа се стигнува до Двете Кули, симболот на градот: Гарисенда, цитирана од Данте во 31-то пеење од Пеколот и кулата на Азинели од која пак може да и се восхитувате на целата Болоња.
Карактеристични за Болоња се колонадите кои ви доаѓаат во пресрет додека чекорите низ плоштадите и улиците на градот во должина од речиси 40 километри. Позната по своите многубројни кули и долги колонади, Болоња го чува речиси недопрен својот средновековен и ренесансен идентитет без да се откаже од потребите на сегашноста. И покрај привидните противречности, тоа е град во кој е очевидна вештината да се спојат античките традиции со модерните тенденции на третиот милениум.
Болоња е град богат со историја, уметност и наука која е секогаш во еволуција. Навистина значајна дата во историјата на овој град е, несомнено, раѓањето на првиот универзитет во Европа во 1088 година. Студенти од цела Европа се селеле во Болоња со цел да учат право во рамките на Алма Матер Студиорум (латинското име на универзитетот). И денес, Болоња останува универзитетски центар за цела Италија и секоја година овој универзитет брои над 70.000 нови студенти.
Меѓу еминентните личности се истакнуваат бројни музичари, уметници, писатели, научници. Од уметниците, треба да се издвојат Џорџо Моранди и Гуидо Рени. Џорџо Моранди е италијански сликар и резбар и еден од носечките фигури на италијанското сликарство во дваесеттиот век, кој, меѓу другото, се смета за еден од најпознатите светски резбари на своето време. Неговата уметност се дефинира како единствена и универзално призната; Рени од, друга страна, се вбројува меѓу најистакнатите уметници на 17-от век во чиишто дела доминира барокот.
Болоња и ден денес е престолнина на италијанската музика. Многубројни се пејачите кои се родени овде или по нивен избор се преселиле под двете кули. Лучо Дала, Франческо Гучини, Васко Роси, се само дел од имињата на познати италијански канавтори кои оставиле траги од Болоња во нивните композиции.
Уште еден навистина важен податок е дека Болоња е град на гурманите и вкусната кујна. Но, овој град не е познат по шпагетите Болоњезе како што сите сметаат туку по таљателите со Рагу.
Таљателите спаѓаат меѓу највкусниот и најпознатиот вид тестенини во италијанската гастрономска традиција. Токму традицијата сакала овој деликатес да биде карактеристичен за Болоња. Според класичниот рецепт ова јадење треба да биде придружувано со неизбежното рагу приготвено на болоњски начин коешто всушност е вид сос типичен за емилијанската област врз база на месо и домати.
По сите овие описи и интересни факти, вам ви преостанува само да ги понесете желбата и пасошот и веднаш да се упатите кон Болоња. Верувам дека ќе останете занемени и фасцинирани од овој магичен италијански град.
Затоа, не двоумете се премногу, подгответе го багажот и уживајте во Болоња што е можно побргу.
Дарио Тодоровски