Од понеделник 14-ти до петок 18-ти октомври ќе се одржи тринаесеттото издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, меѓународниот културен настан, чија цел е да го промовира италијанскиот јазик во неговите разновидни аспекти. Оваа година нашиот Комитет ќе учествува со два настани во генералната програма која оваа година е насловена Истражување, откритие, иновација: Италија на знаењата и е организирана од Италијанската амбасада во Скопје и од Министерството за надворешни работи на Италија.
Првиот настан предвиден за 16-ти октомври е одбележување на 700 години од раѓањето на Џовани Бокачо. Во таа прилика ќе биде претставена и интегралното издание на Декамерон што токму оваа година е за првпат објавено на македонски во превод на Анастасија Ѓурчинова. Вечерта ќе биде збогатена со читања на одломки и на италијански и на македонски јазик, како и со прикажување на извадоци од филмовите на Пјер Паоло Пазолини и Федерико Фелини, преземени од делото на Бокачо.
Вториот настан, денот посветен на “ПЛИДА “ е закажан за 18ти октомври во 09.30 часот. На овој настан, на кој се добредојдени студентите и наставниците по италијански јазик, ќе се потенцира важноста на овој сертификат, можностите кои тој ги нуди, начинот на полагање и подготовка на истиот. На настанот со свои излагања ќе се претстават и професорката Јулијана Вучо од Универзитетот во Белград и Сара ди Симионе, од Централниот комитет на „Данте“ во Рим. И двата настани ќе се одржат во Италијанско-македонскиот мулимедијален центар при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и се отворени за јавноста.