Istituto Dante Alighieri, Skopje

Утре, среда, 25 октомври, во 12 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Транскултурни разногласија: Избрани критики и есеи“ од Анастасија Ѓурчинова. За книгата ќе говори Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор ќе биде Александра Јуруковска.

„Транскултурни разногласија“ (издание на МИ-АН) е критичко-есеистичко дело со текстови чија проблематиката е поврзана со книжевната рецепција и интерпретација, традуктологијата, идентитетот, егзилот, границите и слично, а Ѓурчинова ги пишувала последниве десетина години.

„Авторката е особено насочена кон истражување нпоредбени релации, главно во однос на македонско-италијанските книжевни врски, кои ги разгледува низ призма на меѓусебното преведување, афирмација и попродлабочено книжевно разбирање. Овој широк дијапазон на интереси навистина резултира со впечатокот за полихромија или разнобојност на тематски и методолошки план бидејќи авторката на овие есеи и критики со леснотија се движи низ книжевните меридијани, поткрепена со актуелните сознанија на компаратистиката, културологијата и книжевната херменевтика“, ќе забележи Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Анастасија Ѓурчинова е книжевна критичарка, есеистка и преведувачка. Работи како професорка на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, преведувачките студии и интеркултурните студии. Авторка е на книгите: Калвино и сказната, 2000; Италијанската книжевност во Македонија, 2001; Прличев и Ариосто или за смеата и меланхолијата, 2002; Контексти: студии на споредбени теми, 2006; Италијанската книжевност од XIII до XVI век (коавтор), 2007 [2011]; Медитерански синестезии: избрани студии и есеи, 2013. Составувач е на две книжевни антологии: Тајна игра, антологија на италијанскиот расказ на 20 век, Скопје 1996; Macedonia: la letteratura del sogno, antologia della nuova letteratura macedone, Nardò 2012. Преведува од италијански на македонски јазик, а за својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевните преведувачи на Македонија, како и националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија.

Промоцијата на книгата „Транскултурни разногласија“ е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.