Во 2008 година се одбележаа 500 години од раѓањето на еден од најголемите италијански архитекти, кој остави забележителна трага во историјата на западната уметност: Андреа Паладио.
Во таа чест, за време на VIII недела на италијанскиот јазик во Скопје, Институтот Данте Алигиери организираше посебна вечер посветена на Паладио, на која говореше професорката Татјана Филиповска од Филозофскиот факултет во Скопје. Во својот говор таа кусо се осврна на животот на уметникот, а потоа со особено внимание се задржа на архитектонските дела на Паладио.
Паладио беше најзначајниот архитект на Република Венеција, на чијашто територија проектирал бројни вили, цркви и палати, но најмногу во градот Виченца, каде што живеел. Ја објавил расправата Четирите книги за архитектурата (1570), преку која неговите модели извршиле длабоко влијание врз европската архитектура. На тој начин, се раѓа движењето паладионизам, кое поаѓа од класичните и римските принципи. Паладио така станал современик и за наредните генерации архитекти: неговата трага останала актуелна и постојана, не само преку оригиналниот текст на неговата расправа, туку и преку преводите на различни јазици. Меѓу најзначајните и најиновативните дела се издвојуваат:
Вилата Годи, која претставува строга градба во која се заточени прециозноста и декоративноста, типични за традицијата од XV век. Прецизната симетрија ја обезбедува планиметријата на градбата, поставена долж централната оска, која е составена од галерија и салон. До нив хиерархиски се надоврзуваат два апартмана, а во секој од нив има по четири сали.
Вилата Алмерико Капра – Ла Ротонда, која претставува универзална икона на сите вили на Паладио. Ла Ротонда од страна на својот сопственик била сметана за градско живеалиште. Пред сé, таа е вила-храм, едно огледало во кое се огледува редот и највисоката хармонија. Факт е дека Ла Ротонда е уникат во архитектурата на сите времиња.
Олимпискиот театар, започнат од Андреа Паладио во 1580 година и завршен од Винченцо Скамоци, претставува полуелиптична дрвена сала, украсена со гипс и опкружена со колонада од вдлабнатини и статуи. Воедно претставува прв пример на стабилен и покриен театар од модерната епоха. Театарот сé уште претставува простор во кој се изведуваат значајни претстави и концерти.
Вилата Емо, едно од најкомплетните остварувања, изградена во период кога Паладио веќе 20 години беше познат по сличните градби.
Во планот за вилата се користени истите математички пропорциии за висината и за димензиите на просториите. Влезот се наоѓа на крајот на една долга патека поплочена со големи квадратни плочки. Надворешните ѕидови се едноставни, без декорации, додека внатрешните се богато украсени со фрески.
Архитектурата на Паладио брзо станала позната низ цела Европа. Многумина се инспирираа од неговиот стил. Интересен податок е тоа што Белата куќа, седиштето на претседателот на САД, е проектирана според стилот на Паладио.
Андреа Паладио денес е прочуен како најпознатиот архитект што западниот свет некогаш го имал. Секоја вила, секоја палата, сé до големите цркви во Венеција, имаат своја сопствена приказна и се поврзани со некоја клучна личност, сведок на одреден миг во историјата. Во последните години, падот на модернистичкото движење во архитектурата предизвика нов интерес за класичниот стил и делата на Паладио. Десетиците прекрасни вили и раскошни палати распрскани низ регионот Венето, претставуваат вечно сведоштво за неговиот архитектонски гениј.
Александра Трајковска